Вчеравечер, на Плоштадот „Македонија“, пред Фонтаната „Воин на коњ“ во Скопје, директорот на Агенцијата за млади и спорт, м-р Лазар Поповски заедно со градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, ги пречекаа 16-те македонски маратонци, што 5-та година по ред, учествуваат во традиционалниот Ултрамаратон во чест на Тодор Проески-Тоше. Трасата што ја трчаат маратонците е во должина од 1 100 км почнувајќи од Нова Градишка, Република Хрватска, местото на несреќата каде што загина Тоше, а завршува во неговото родно Крушево.
Директорот Поповски, даде поддршка на маратонот, односно негово прераснување во традиционален.
-Чест е да се присуствува на една ваква манифестација која е посветена на нашата најголема македонска музичка ѕвезда на сите времиња, Тоше Проески. Горд сум што Македонија има 16 храбри момци кои имаат сила да поминат, веќе петта година по ред, 1.100 километри за да оддадат почит. Сметам дека нивната заложба треба да се поддржи и продолжи со што повторно позитивно ќе се афирмира државата, и покрај тоа што се работи за трагичен настан- рече директорот Поповски.