Средба помеѓу АМС и Амбасада на Руската Федерација по повод можноста за студирање на македонските студенти на некој од факултетите за физичка култура во Русија
Денес во Агенцијата за млади и спорт се одржа средба помеѓу Директорот Марјан Спасески и претставници од Амбасадата на Руската Федерација, Станислав Лупин аташе за протокол и Михаил Лушин аташе за образование .
Целта на состанокот беше разгледување на можноста за студирање на македонските студенти на некој од факултетите за физичка култура во Русија.
Директорот Спасески на средбата искажа голема благодарност за отворената можност за младите граѓани од Македонија да можат да се едуцираат на факултетите за физичка култура и спорт во Руската Федерација и додаде дека Агенцијата за млади и спорт ќе даде целосна поддршка за што повеќе матуранти да аплициират и да се запишат на некој од факултетите за физичка култура и спорт во Руската Федерација.
-Ние како државна институција која се грижи за развој на спортот, упативме молба за продолжување на рокот за доделување стипендии за студирање на факултетите за физичка култура во Руската федерација. Се надеваме дека доколку се случи тоа, матурантите од Македонија ќе ја искористат можноста за студирање на некој од реномираните факултети за физичка култура и спорт во Руската Федерација.
Претставниците на Амбасадата на Руската Федерација го информираа Директорот Спасески дека оваа година Владата на Руската Федерација доделила рекордни 60 места во квотата за студирање на македонски граѓани во Русија додека минатата година само 14 млади луѓе од Македонија добиле стипендии за студирање во Руската Федерација.
На крај од средбата двете страни искажаа заинтересираност за можноста во иднина да се пристапи кон потпишување Меморандум за соработка во областа на спортот помеѓу двете ресорни институции задолжени за спортот.
За отворената можност за средношколците-матуранти кои ќе изразат желба да студираат на некој од државните факултети за спорт во Руската Федерација, потребно е за сите подетални информации да се обратат на телефон во Агенцијата за млади и спорт 3126 270 лок.191








