Успешна реализација на проектот „Младинска професионална кујна”
Со пригоден настан за подготовка и кетеринг на храна, денес во средното училиште за угостителство на Град Скопје, „Лазар Танев” успешно се реализираше проектот „Младинска професионална кујна” преку кој учениците од ова училиште ја промовираа мобилната апликација за кетеринг услуга. На настанот присуствуваа директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески, претставникот на Програмата за развој на Обединетите нации (UNDP) г-ѓа Луиза Винтон и директорот на училиштето, кои лично се уверија во бенефитите кои ги нуди оваа мобилна апликација.

- Проектот „Младинска професионална кујна“ кој во текот на минатата година се спроведуваше од страна на здруженијата Младите Можат и А.Р.Н.О. со поддршка на Програмата за Развој на Обединети Нации, а во соработка со АМС покажа дека не само што младите имаат идеи, туку дека можат истите да ги имплементираат, кога им е обезбедена соодветна поддршка од релевантните институции. Преку развојот на мобилната апликација за кетеринг, но и обуките низ кои поминаа овие млади луѓе се создаде можност за развој на социјалното претприемништво кое иако овие години ја поставува својата основа во нашата држава, сепак е присутно и препознатливо кај младите луѓе” – потенцираше директорот Спасески.

Тој се заблагодари на Програмата за развој на ОН за успешната соработка, која во изминатиот период, како што рече, продуцирала подобрување на состојбите во младинскиот сектор, развој на различни проектни активности иницирани и имплементирани од младите, како и за подобрување на општата состојба на младите во нашата држава.









