Тричасовен саем за младинска работа
На 11 јуни 2014 г. во лобито на Конгресен Центар на Скопскиот Саем се одржа Саемот за младинска работа, на кој присуствуваше Директорот на Агенцијата за млади и спорт, м-р Марјан Спасески. Покрај директорот на АМС, на конференцијата свое обраќање имаа и директорот на Националниот Демократски Институт (NDI) Крис Хеншоу и претседателот на Сојузот на младински работници, Стефан Маневски.
Овој саем опфати 70 младински организации од Македонија и Европа, кои пред присутните ја презентираа својата работа. Саемот опфати презентации на најновите трендови во младинската работа и најсовремените начини на функционирање на младинските организации ширум Европа.
Тричасовниот саем се одржа како дел од дводневната конференција “Look Beyond” (10-11 Јуни) во организација на Центарот за меѓукултурен дијалог од Куманово во чии рамки се анализираше и оценуваше улогата на Европската програма за млади „Млади во акција“.
На саемот присуствуваа претставници од Агенцијата за млади и спорт, Македонската национална агенција, Младинскиот оддел при Советот на Европа, Европската комисија, Партнерство за млади помеѓу ЕУ и Советот на Европа, Европскиот младински форум, SALTO ресурсни центри, како и млади луѓе од 70 младински организации од Македонија и Европа.








