Одбележан денот на крводарителството
Под мотото „Дарувај крв за оние кои даруваат живот“ денеска во Дневниот центар за дарување крв „Даре Џамбаз“ беше одбележан 14 Јуни- Светскиот ден на крводарителството а воедно беше отворен оддел за прибирање крв од доброволни дарители. На настанот присуствуваа претседателот на Република Македонија г-дин Ѓорге Иванов, директорот на Агенцијата за млади и спорт м-р Марјан Спасески, претставници од Институтот за трансфузиона медицина, канцеларијата на Светската здравствена организација Скопје, како и повеќе спортисти и естрадни уметници.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески нагласи дека Агенцијата активно е вклучена во одбележувањето на денот на крводарителите и упати порака до младите од Македонија да бидат хумани-да даруваат крв.
- Агенцијата пред два месеца со Црвениот крст потпиша меморандим за соработка каде го дефиниравме насоките во делот на промоција на хуманитарните и превентивни активности како и волонтерските активности. Драго ми е што денеска голем број на млади луѓе го следат примерот на спортостите од Македонија кои даруваат крв, истакна Спасески.
- Овие се денови во кои вообичаено се прави промоција и поттикнување за одбележување на позитивните вредности. Во таа смисла Црвениот крст на Македонија во соработка со Институтот за трансфузиологија и СЗО денеска го одбележува денот корестејќи ги сите механизми да ги промовира сите вредности кои ги носи дарувањето на крв, истакна генералниот секретар на Црвениот крст Саит Саити.
Директорката на Институтот за трансфузиологија Емилија Велкова потсети дека на сите дарители на крв им се испитува крвната слика, како што кажа, пред се, за здравјето на дарителот како и за здравјето на пациентите. Минатата година, посочи директорката, собрани се 55.000 единици крв од кои како преработени компоненти на крвта добиле 50.000 еритроцити, 25.000 тромбоцити и 6.5 тони плазма.








