12 август – Меѓународен ден на младите

По повод Меѓународниот ден за млади, Агенцијата за млади и спорт го најавува Јавниот повик за избор на младинскиот претставник во Управниот Одбор на Регионалната канцеларија за младинска соработка за Западен Балкан, која се очекува да започне со работа на 01 јануари 2017 г.
Оваа канцеларија е резултат од потпишаната Меѓународна спогодба за нејзино воспоставување, потпишана од премиерите на Македонија, Албанија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово на Самитот за Западен Балкан, на 04 јули во рамки на Самитот за Западен Балкан одржан во Париз, Франција.
Изборот на младинскиот претставник ќе биде извршен од Работна група која по Самитот во Париз беше формирана по Јавен повик од страна на Агенцијата за млади и спорт, која вклучува 67 претставници од младински организации и институции.
На денот на одбележување на Меѓународниот ден на младите, Агенцијата за млади и спорт како институција надлежна за имплементација на младински политики потсетува на значењето на младите луѓе за нивно вклучување во дијалог со институциите, но и овозможување услови во кои тие ќе се развиваат и ќе го остваруваат својот потенцијал. Во таа насока, Агенцијата за млади и спорт во текот на 2016 година ги усвои Националната стратегија за млади 2016 - 2025 и Акцискиот план за имплементација на активностите од НСМ (2016-2017).
На крајот, Агенцијата за млади и спорт ги повикува младите луѓе од нашата држава да го дадат својот придонес во волонтерските акции за помош на семејствата од поплавените подрачја во нашата држава.








