Печати

Интервју со Зоран Бошковски-Чоко, асистент тренер, заменик селектор на фудбалската репрезентација до 21 година и член на Советот за спорт

вклучено . Објавено во Соопштенија

 

Бошковски-Чоко: Победничка селекција не се прави преку ноќ

Спортската академија е одличен проект, кој требаше да ни се случи многу порано. Се надевам и верувам во академијата, како и луѓето кои ја водат, дека ќе се изборат пред сите предизвици и за четири години ќе добиеме една здрава младинска репрезентација- вели Бошковски-Чоко

 

Поминаа скоро 20 години од постигнувањето на првиот гол за македонската фудбалска репрезентација. Дали сегашната наша репрезентација има капацитет да се пласира на некое големо натпреварување и дали сметате дека репрезентацијата се движи во нагорна линија?

Чоко: Капацитет има. Но, мораме да бидеме реални дека победничка репрезентација не се прави преку ноќ. Потребно е многу да се работи и да се вложуваат време и пари, а најважно од се е и да се поклопат коцките, да не послужи среќата и да настапиме на некое првенство, бидејќи шанси секогаш постојат.

Како се движи развојот на младинскиот фудбал?

Чоко: Најпрво мора да се подобрат уловите за работа. Имаме талентирани деца. Но, мора многу да вложиме во инфраструктурата, тренерскиот кадар, едукацијата. За поздрав е инвестицијата на Агенцијата за млади и спорт за 50 помошни фудбалски игралишта, но исто така потребна е и асистенција од клубовите, како и од Фудбалската федерација на Македонија. Сите треба да се вклучат.    

Како гледате на младите фудбалери. Дали во нив гледате некој свој наследник или наследници на Панчев, Пандев. Колку ги следите младите?

Чоко: Поголемиот дел од младите фудбалери ги следам, поготово оние од 12 до 21 година во сите категории. Со сигурност знам дека имаме многу талентирани деца, но потребно е многу да се работи со нив, како на индивидуален така и на тимски план. Мораме да ги подготвиме пред тие да станат сениори доколку сакаме да имаме квалитетна сениорска репрезентација која ќе оди напред. Тие треба да бидат носители како на клубот така и на репрезентацијата. Мора многу да се работи со младите за да можат и тие во иднина да се справат со сите репрезентативни предизвици и падови.

Што работите сега?

Чоко: Во моментов сум асистент тренер и заменик селектор во репрезентацијата до 21 година. Бидејќи немаме многу време да работиме со репрезентацијата, тоа е обично период од пет до седум дена, тогаш вежбаме техники, тактики и стратегии.

Агенцијата за млади и спорт секоја година дава по 500 стипендии за младите, а штотука започна со работата и Спортската Академија. Како Вие гледате на овие проекти?

Чоко: Стипендиите, пензиите, како и спортската академија требаа да ни се случат многу порано, но добро е што овие проекти конечно се реализираа. Треба да се продолжи со сите од нив. Мораме да имаме трпение, средства и време. Мило ми е што конечно добивме академија за спортисти и треба да одиме само напред со овој проект за да произведуваме професионални кадри.

Како фудбалер игравте 20-тина години. Дали некогаш Вие или вашите колеги сте имале проблем со регулирањето на стажот?

Чоко: Јас лично немав проблем со регулирањето на стажот, тоа во мое време беше регулирано само во два до три клуба, но затоа пак имам многу пријатели кои беа спортисти, односно фудбалери и го имаат овој проблем. Генерално тогаш имавме проблем бидејќи стажот на секој не му беше регулиран.  Трансформацијата на клубовите во акционерски друштва е за поздрав, но мораме да знаеме дека секој почеток е тежок. Потребно е сите клубови да ја применат трансформацијата, за спортистите конечно да добијат статус на вработени и за нив да се плаќаат здравствено, пензиско и инвалидско осигурување. Бидејќи секој од нас старее и потребна му е потпора за во иднина. Сметам и дека е потребно спортистите да имаат свој синдикат кој ќе ги штити нивните права и обврски.

Агенцијата за млади и спорт започна со реализација на проектот Спортска академија која работи по европски терк. Како Вие гледате на овој проект?

Чоко:  Идејата е одлична и мило ми е што дојде време за нејзина реализација. Свесен сум дека одговорните на почетокот ќе се соочат со одредени препреки бидејќи водењето на една академија од ваков тип е процес кој трае долго време. Се надевам и верувам дека проектот ќе успее и во следните четири години за да имаме можност да создадеме здрава младинска репрезентација. Мора да се издржи и со кадар, и со инфраструктура и со буџет. Најискрено се надевам дека оваа академија е патот кој треба да се трасира за да добиеме подобар и поквалитетен фудбал како на клубски, така и на репрезентативен план.