Печати

Сто деца, еден сон - да станат репрезентативци

вклучено . Објавено во Соопштенија

 

 

Веќе еден месец во средното фискултурно училиште успешно функционираат четирите специјализирани паралелки (академии) за фудбал, ракомет, кошарка и за тенис

Триесетина се. Имаат по 14 и 15 години. Испотени се, но неуморно трчаат во салата. Прават и вежби. Погледите им се вперени во тренерот. Тој, пак, е доста строг. Им кажува што да работат и тие слушаат. Никој не забошотува. Се потат, но не се даваат. На некои од нив веќе почнала да им се развива мускулатурата, а други, пак, се слабички. Но сите тие тренираат ракомет затоа што сакаат. Сите имаат еден сон - еден ден да играат во македонска репрезентација.

Овие ученици се најдоброто од Македонија. Сите се дел од ракометната спортска академија, која веќе еден месец функционира во средното фискултурно училиште. Освен академијата (паралелката) за ракомет, има и академија за тенис, за фудбал и за кошарка. За да стигнат меѓу најдобрите, морале да исполнат строги критериуми и да поминат на повеќе селекции. Уште од 1 септември сите деца што се од внатрешноста, бесплатно се сместени и се хранат во ученичкиот дом „Здравко Цветковски“. 

Сакаат да играат и кога се болни

Речиси еден месец децата имаат напорни тренинзи. Тренери на ракометната група се познатите ракометари Аце Станковски и Зоран Петковски. За децата, пак, самиот факт што имаат за учители вакви имиња е успех.

- Да те тренираат познати професионалци од македонскиот ракомет не е мала работа. Јас сум од Кавадарци, а таму неделно имавме еднаш-двапати тренинзи. Тренерите таму се и „послаби“. Не се добри условите за младите спортисти. А ова што имам можност овде да го научам е премија - вели младиот кавадарчанец Мартин Николовски. 

И Дамјан Трајковски од Драчево е воодушевен од тренинзите и од играта. Малку му се седумте тренинзи неделно што ги има со екипата. 

- Едвај чекам да дојде време за тренинг. Четири години по ред играм ракомет и премногу го сакам овој спорт. Сакам еден ден да ги бранам боите на македонското знаме и да сум дел од репрезентацијата - ни рече Трајковски.

Додека сите тренираа, тројца момчиња седеа настрана на клупа. Свенати, гледаа долу во паркетот. Имале стомачен вирус, па не можеле да играат. 

- Многу ми е жал што не можам да играм, ќе пукнам. Е вака, поради глупави настинки морам да пропуштам тренинзи - разочарано рече Горазд од Прилеп.

Имало случај пред извесно време кога едно девојче со покачена телесна температура инсистирало да тренира. 

- Децата се свесни дека се избирани внимателно, свесни се дека сите ние очекуваме многу од нив. Тоа ги прави уште поголеми ентузијасти и уште повеќе сакаат да спортуваат, а ние сме тука да ги поддржиме - коментираат тренерите.

Има подобрувања кај децата за овој изминат еден месец. Јас се грижам секој тренинг да е различен, за ним да им е поинтересно. Ним можеби им е напорно, оти тие во осмолетка вежбале еднаш-двапати ракомет неделно, а сега за една недела имаат тренинзи и по осум пати, вели тренерот Аце Станковски. 

Подобри по само еден месец

- Учениците не се навикнати на вакво темпо, на ваков систем на работа. Засега има двајца-тројца што отскокнуваат од другите. Наша работа е да им поставиме што подобра техника со топката. Мора да се технички подготвени за игра. Јас како нивен тренер очекувам многу скоро одовде да излезат репрезентативци - вели Станковски.

Тој рече дека во тек е набавка на опрема (тренерки, маички, патики) за учениците, а додека стигне, тие вежбаат во свои маици и патики.

На секој тренинг во салата има и физиотерапевт, кој е на штрек ако некое дете се повреди за време на игра. Тој вели дека засега посериозни повреди не се случиле. Секоја академија си има ментор. Ментор на ракометната паралелка е Љупчо Станковски, кој е и професор во средното фискултурно училиште „Методија Митевски Брицо“.

 - Овде има голем потенцијал. Првпат во Македонија се бараат перформанси. Очекуваме за овие наши деца клубовите да се тепаат кој кај кого ќе игра. Ако не е така, проектот ќе биде осуден на пропаст - вели Станковски.

Ни дојдоа ученици со одличен успех

Директорот на средното фискултурно училиште Александар Коцевски вели дека очекувал децата што ќе бидат избрани дека ќе бидат деца со слаб успех.

- Знаете и сами дека спортистите не ја обожаваат книгата. Но се изненадив кога видов дека од вкупно 105 избрани ученици, 60 се со одличен успех. Тие на крајот на школувањето, како и другите ученици, ќе добијат диплома и ќе полагаат државна матура. Има разлика и во предметите што ги учат, на пример немаат географија, хемија, ликовно, музичко образование - појаснува Коцевски.

Тој потсети дека сите ученици ќе добиваат месечна стипендија од државата во износ од 5.000 денари. 
Наставниот план за овие ученици ги изработи Бирото за развој на образованието. Изборот на децата го правеа спортските федерации. Има ученици што на трошок на државата престојуваат, се хранат и учат во Скопје, а се од Кукуречани, Лескоец, Ресен, Битола, Кочани и од други села и градови во Македонија. Кога државата го најавуваше проектот, беше речено и дека на учениците тренинзи ќе им држат докажани спортски легенди, и домашни и странски. 

- Имаме најави дека тренинг на фудбалерите ќе им држи Горан Пандев, потоа на кошаркарите Тодор Гечевски и Војдан Стојановски. За странски спортисти сѐ уште нема сигурни најави, иако сме во преговори - додава директорот Коцевски.

Превземено од Нова Македонија

http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=9271292442&id=9&prilog=0&setIzdanie=22690