Печати

Интервју со Милан Илиевски и Остоја Стјепановиќ, фудбалери на ФК Вардар

вклучено . Објавено во Соопштенија

 

Тимот за кој навиваш се бодри и љуби и кога се победува и кога се губи

Го осудуваме чинот на насилство кој се случи на Арената Филип Втори. Со ФК Пелистер ќе се видиме уште двапати, на гостински и домашен терен, во четвртфиналето, а тогаш треба да покажеме и двете страни дека сме цивилизирани и дека знаеме да навиваме, без кавги и тепачки. Никогаш не треба да бараме виновници кој почнал прв, да бидеме јасни фудбалот се игра на терен, а не надвор од него велат Стјепановиќ и Илиевски

 

Кои се аспирациите на ФК Вардар. Дали се гледате во Лигата на шампиони?

Илиевски: Најголем мотив за еден фудбалер е да игра во Лигата на шампионите, а зошто да не и да се освои титула. Тоа е успех, како за фудбалерот, така и за државата и клубот со кој настапува. Морам да признаам дека работиме напорно, секој ден, и само на тој начин еден ден ќе настапуваме и ние во Лигата на шампионите. Среќни сме што ја освоивме титулата во домашното првенство и што имавме еден голем натпревар со Бате Борисов, против кого, се држевме рамо до рамо. Самото тоа ни дава мотив од ден на ден да бидеме се подобри.

Стјепановиќ: Како најтрофеен македонски фудбалски клуб, секако дека имаме аспирации да настапуваме во Лигата на шампионите. Тоа го сметаме како кариерен врв. Минатата сезона игравме со Бате Борисов, против кого се покажавме како квалитетен тим кој не е за потценување. Факт е дека ФК Вардар и Македонија поседуваат квалитетни фудбалери, но потребно е да се има големо трпение, како и многу да се работи и да се посвети време. Само на тој начин успесите не изостануваат. Сметам дека сме на вистинскиот пат и така треба само да продолжиме за да стигнеме до Лигата на шампиони.

Бате Борисов го победи Баерн Минхен, а ФК Вардар беше на чекор да го елиминира Бате Борисов. Ова е многу интересен момент. Како Вие гледате на оваа ситуација?

Илиевски: Главен аспект кој го покажавме на натпреварот е дека можеме да се носиме во ист кош со Бате Борисов, бидејќи не успеавме да ги победиме за многу малку. Тие покажаа колку вредат, а ние покажавме дека сме одлични фудбалери бидејќи успеавме овој европски тим да го држиме во неизвесност. Тоа е клуб кој напорно тренира 6-7 години и сметам дека треба да земеме пример од нив, бидејќи резултати не се постигнуваат преку ноќ.

Стјепановиќ: Би се надоврзал само дека Бате Борисов е тим кој го победи Лил 3-0, а бевме сведоци дека и Баерн Минхен изгуби од нив. Самиот тој факт ни ја крева самодовербата и ни дава на знаење дека само со напорна работа можеме да одиме по нивните стапки. Жал ми е што бевме толку блиску, а не ги елиминиравме. Но, треба да се земе в предвид и дека Бате Борисов е тим кој располага со буџет од 20 милиони евра, што претставува поттик да луѓето кои го водат, но и за фудбалерите. Потребно ни е и од љубителите на фудбалот да имаме и голема поддршка, бидејќи тимот за кој се навива се бодри и љуби и кога се пободува и кога се губи.

Агенцијата за млади и спорт направи измени на Законот за спорт, преку кои клубовите треба да се трансформираат во акционерски друштва, што придонесува за професионализација на спортот. Дали ги чувствувате придобивките од трансформацијата?

Илиевски, Стјепановиќ: Придобивките од трансформацијата се големи, имаме редовни примања, а ни се плаќа и пензиско, инвалидско и здравствено осигурување. Здравје Боже еден ден ќе се пензионираме знаејќи дека животот сме го посветиле и сме заработувале од она што го сакаме. Со трансформацијата ќе се привлече и поголем капитал, бидејќи на овој начин големите фирми ќе инвестираат во спортот, а се знае дека повеќе капитал обезбедува подобри услови за работа, а тоа придонесува за подобри резултати.

АМС и ФФМ прават напори да ги вратат ги вратат љубителите на фубалот на стадионите, но пследниве настани, дербито со ФК Пелистер, повторно фрлија црна дамка на спортското навивање. Како Вие гледате на насилните инциденти кои се случија?

Илиевски: Потребно е да се врати публиката на стадионите, бидејќи не е убаво да се игра пред празни трибини, затоа ги поздравуваме овие напори на АМС и ФФМ да ја вратат публиката. Немилиот настан кој се случи на дербито со Пелистер е за осуда и се придружуваме и ние кон реакциите кои излегоа во јавноста од страна на АМС и ФФМ. Се надевам дека ова е една лекција која навивачите нема да ја повторат. Бидејќи повторно ќе се сретнеме со Пелистер во четвртфиналето, апелирам до навивачките групи да се натпреваруваат со навивање, а не со насилство. На тој начин единствено ќе покажат дека ги ценат играчите и во победа и во пораз, а не да се служат со навреди кога се губи.

Стјепановиќ: Секој фудбалер тежнее да игра пред полн стадион, како и на дерби натпреварите да го гледаат 5-10 илјади гледачи. Сега имаме и ноќни натпревари кои се пренесуваат во живо на МТВ што е дополнителен мотив за нас како фудбалери. Ако не се лажам, на дербито Вардар-Пелистер, Агенцијата за млади и спорт имаше и проект да се носат деца за да се гледа натпреварот во живо, по инцидентите мислам дека родителите ќе се подзамислат кога повторно ќе ги однесат своите деца на небезбедно место. Треба да земаме примери од запад и да научиме дека на стадион одат по цели фамилии и дека поразот не се решава со насилство, затоа за осуда е овој чин кој се случи во дуелот со Пелистер. Во четвртфиналето, повторно ќе се сретнеме со нив и апелирам на фер и коректно навивање без навреди и насилство. Сакаме на тие натпревари да имаме две навивачки екипи на трибините и две екипи на теренот, а ние нашите ќе ги израдуваме со победа. Сакам и да потсетам дека пред нас се и два големи натпревари од репрезентативен тип кои се со висок ризик и потребно е нашите навивачи да испратат една позитивна слика од преубавата арена Филип Втори преку која ќе му покажат на Европа и светот дека знаеме да навиваме и си ја сакаме државата чии дресови гордо ги носиме.