Млади и активни - дебата, музика и дружење!

По повод 12-ти август, Меѓународниот ден на младите, Агенцијата за млади и спорт заедно со Националниот младински совет на Македонија организираше отворен настан - дебата и дружење, во Градскиот парк. Дебатата беше посветена на Младинската Гаранција како една од приоритетните мерки на новата реформска Влада на Република Македонија.
Младинската Гаранција нуди шанса за субвенционирани работни места, вработување на младите, обуки, програми за самовработување, пилот програми за млади според локални потреби.
На дебатата говорешедиректорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, пратеникот во Собранието на Република Македонија, Стефан Богоев, како и претседателот на Националниот младински совет на Македонија, Блажен Малески.
Имаше и интерактивен дел кадешто присутните поставуваа прашања, даваа предлози и сугестии за зајакнување на улогата на младиот човек во општеството.
По завршување на дебатата беа доделени благодарници на младите научници и нивните ментори кои освоија бронзени медали на меѓународните олимпијади по физика, математика, хемија и информатика.
Целта е залагање за вреднување на успехот во науката и дополнителна соработка со младите таленти кои секојдневно ја афирмираат научно – истражувачката дејност на Македонија и на меѓународно ниво.
Настанот се заокружи со културно забавна програма, рок бендови и диџеи.

