Стартува имплементација на проектот “Младинска картичка”

Агенцијата за млади и спорт во соработка со Националната агенција за европски образовни програми и мобилност ја промовираше младинската картичка.
На прес конференцијата свое излагање имаше претседателот на Владата Зоран Заев, директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски, како и директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова.
По донесување на заклучокот од Владата за вклучување на одредени министерства во проектот за поволности за младите од 15 до 29 години, како и препораката за единиците на локалната самоуправа исто така да станат дел од реализацијата на овој проект, стартува аплицирање за младинската картичка.
За картичката ќе се аплицира онлајн и ќе може да се подигне на повеќе локации или да биде испратена по пошта.
Во проектот досега се вклучени околу 300 субјекти, како што се кафулиња, ресторани, театри, киносали, транспорт, железница и други кои ќе дадат одредени попусти во нивните услуги.
АМС има склучено Меморандум со сите овие субјекти и ќе им биде дадена една налепница што ќе ја залепат на своите објекти.
Направен е дизајнот на картичката и се очекува најмалку триесетина илјади млади да аплицираат за да можат да ја добијат и да имаат соодветен попуст.
Картичката е наменета за сите млади на возраст од 15 до 29 години зашто заслужуваат да имаат подобро секојдневие, поволности и бенефиции. Ова е една од мерките што е во насока да ги задржи младите, да им понуди квалитетен живот со цел да почнат да размислуваат и да останат во државата, изјави за МИА директорот на Агенција за млади и спорт (АМС) Дарко Каевски.
Картичката е бесплатна, а кандидатите ќе треба да пратат податоци за себе и фотографија.
Втората фаза од „Младинската картичка“ е вклучување на националната картичка кон системот „Европска младинска картичка“ кога младите од нашата земја ќе можат овие бенефиции да ги уживаат и во земјите членки на ЕУ.

