Печати

РЕАЛИЗАЦИЈА НА ПРОЕКТ ЗА ПОПУЛАРИЗАЦИЈА НА УЧИЛИШИОТ СПОРТ ВО ОСНОВНИТЕ УЧИЛИШТА ВО ОПШТИНА КИСЕЛА ВОДА – преку воведување на бадминтонот

вклучено . Објавено во Соопштенија

 

Бадминтон федерацијата на Македонија информира дека во тек е успешна реализација на Проектот – Спортот како предуслов за подобрување на психо-физичкото здравје на учениците низ популаризација на бадминтонот во сите основни училишта во општина Кисела Вода.

Целна група се преку 5000 ученици од следниве основни училишта:
-    ОУ Свети Климент Охридски;
-    ОУ Кирил Пејчиновиќ
-    ОУ Невена Георгиева – Дуња
-    ОУ Круме Кепески
-    ОУ Кузман Шапкарев
-    ОУ Партениј Зографски
-    ОУ Кузман Јосифовски Питу
-    ОУ Рајко Жинзифов

Започнувањето на Проектот беше одбележан со потпишување протокол за соработка помеѓу општината Кисела Вода и Бадминтон федерацијата на Македонија на почетокот на оваа учебна година. Федерацијата ги презема сите активности кои се однесуваат на техничките и оперативните аспекти од неговата реализација, а општината се погрижи за сите логистички и финансиски поединости.

Во првата фаза беше набавена комплетна бадминтон опрема (рекети, перца, мрежи, постаменти за мрежи) која им беше ставена на располагање на сите 8 основни училишта, вклучително за потребите на реализација на проектните активности во спортската сала „Независна Македонија“ а, исто така, во сите училишта се изврши и обележување на терени за бадминтон.  

Во втората фаза, обучени и меѓународно сертифицирани тренери од редовите на Бадминтон федерацијата на Македонија одржаа обука која се извршуваше во 8 сесии за наставниците по физичко воспитување од основните училишта со цел за нивно оспособување за натамошна самостојна работа во овој спорт која се однесува на вовед на учениците во бадминтонот како спорт во рана фаза.

Во делот на реализацијата на Проектот, во сите споменати основни училишта, вклучително во уште едно подрачно училиште, беа извршени 18 презентации каде што беа опфатени учениците од сите одделенија. Презентациите беа извршени од страна на поединци, членови на националниот тим во бадминтон на Македонија.

Во третата фаза следи воспоставување час по бадминтон во рамки на часовите по физичко воспитување, како и формирање училишни спортски клубови, а во четвртата фаза организација на 2 турнира во бадминтон за учениците.

Секако, покрај другите придобивки, преку реализацијата се очекува да произлезат талентирани поединци кои ќе бидат вклучени во тренажните процеси во овој спорт кој се одвива во рамки на бадминтон клубовите, како и нивно вклучување во националните тимови во бадминтон во различни возрасни категории.