Јавна расправа за предлогот- Стратегија за млади на Град Скопје
Во Големата сала на Советот на Град Скопје, денеска се одржа завршната јавна расправа за предлог-верзијата за Локалната стратегија за млади на Град Скопје, којашто изминатата година ја изготвуваше Коалицијата СЕГА. На расправата присуствуваше и градоначалникот Коце Трајановски, претставник на Агенцијата за млади и спорт, Зорица Стаменковска, како и извршниот директор на Коалицијата СЕГА, Зоран Илиески.

- После една година од почетокот на процесот за креирање на стратегијата за Млади на Град Скопје, денеска, веќе ја имаме пред себе драфт верзијата на стратегијата која треба да ни ги даде насоките на идното деjствување за подобрување на позицијата на младите во Градот Скопје. Заедно со Коалицијата на младински здруженија СЕГА, како изработувач на оваа стратегија, поминавме особено долг пат до оваа драфт верзија, се одржаа две конференции, едно испитување и еве дојдовме до крајот, да се направат последните корекции на предлог –стратегијата, документ кој за мене лично, е од големо значење. Посебно ми е драго што во изготвувањето на овој документ учествуваа повеќе заинетресирани субјекти, а за што поголема партиципативност и транспарентност говори податокот дека во изминативе десетина дена предлог –стратегијата беше поставена на официјалниот сајт на Град Скопје со препорака до сите заинтересирани да ја прочитаат и да дадат свои коментари на истата. Тоа ќе биде и ваша денешна задача, да се дообликува овој важен документ, врз кој ја темелиме идната соработка со младите на град Скопје. Со оглед на важноста којашто ја имаат младите во едно општество, иницијативата за креирање на Локална стратегија за млади, јас како градоначалник без размислување ја прифатив, а и во мојата изборна програма младите заземаат посебно место, бидејќи сум убеден дека институциите треба по активно да се вклучат во решавање на проблемите и во поддршката на потребите на младите, во секој сегмент од општествениот живот, истакна градоначалникот Трајановски.
Нацрт-верзијата на Локалната стратегија за млади на Град Скопје има за цел да се подобри општата состојба на животот на младите во Град Скопје, а опфаќа повеќе области на дејствување и тоа: образование, младинско самовработување, здравство и превенција, култура, информирање, локална младинска работа, како и подобрување на квалитетот на живот кај младите.
Работната верзија од оваа Стратегија помина низ три фази на изработка, иницијална Конференција за отпочнување на процесот на креирање на локална младинска политика во Град Скопје, одржана на 28.11.2012 година, потоа спроведување анкета за испитување на јавното мислење и анализа на ставовите на младите во Град Скопје, со цел да се истражат специфичните потреби на младите луѓе на ниво на Град Скопје, спроведена на репрезентативен примерок од 600-тини млади луѓе од 10 општини на територија на град Скопје и уште една Конференција на тема „Стратегија за млади на Град Скопје“ организирана на 12 јуни 2013 година.
Работната верзија на Стратегијата на млади на Град Скопје, соодветствува со Националната стратегија за млади на Република Македонија, а за да стане официјален документ ќе треба да биде ставена на гласање на една од наредните седници на Советот на Град Скопје.








