Прием на националните спортски федерации во АМС
Денес директорот на Агенцијата за млади и спорт м-р Марјан Спасески организираше прием за Националните спортски федерации на Македонија.
Повод за средбата на Директорот Спасевски со раководствата на Националните спортски федерации беше запознавањето и разменувањето искуства, идеи и предлози за понатамошната заедничка соработка во насока на развојот на македонскиот спорт.
Спасески во воведниот говор истакна дека како директор на Агенцијата за млади и спорт како прв приоритет ќе биде реализацијата на Конкурсот за доделување финансиски средства за 2014 година со нивното навремено доставување на средствата на федерациите но и нивна контрола согласно препораките на Државниот завод за ревизија.
Спасески, продолжи во својот говор дека наградувањето на спортистите и тренерите ќе биде врвен приоритет на институцијата како и механизмот за континуирано следење на напредокот во тренажниот процес на младите спортисти.
Исто така се осврна и на унапредувањето на организациската и менаџерска поставеност и делување на националните спортски федерации согласно законската регулатива како и на спроведувањето на конвенциите за спречување на допингот во спортот и насилството на спортските терени.
На крај од говорот, Директорот Спасески им се заблагодари за присуството на раководните лица на федерациите и додаде дека меѓународната соработка во спортот и заедничкото делување со локалната самоуправа во децентрализацијата на спортот со цел обезбедување услови за спортување на секој граѓанин ќе претставува важен дел од програмата за работа на директорот.
