Агенција за млади и спорт во поддршка на Европскиот Куп на 10 000 метра
Денеска во просториите на Агенцијата за млади и спорт се одржа прес конференција на која директорот м-р Марјан Спасески, претседателот на Атлетската федерација на Македонија, г-дин Крсте Серафимовски, како и претставникот од европската атлетска федерација детално ги информираа претставниците на медиумите за престојниот Европскиот Куп во 10 000 метри.

Атлетската федерација на Македонија е организатор на 18-от Европски Куп на 10 000 метра кој ќе се одржи за прв пат во Република Македонија на „Националната Арена Филип 2-ри Македонски“ - Скопје.
Директорот на АМС м-р Марјан Спасески изрази чест што во име на Владата на Република Македонија има можност да го искаже задоволството што Република Македонија е домаќин на 18-от Европски Куп на 10 000 метри. Натпревар, што е и дел од Календарот на Европската атлетска асоцијација.

„Во изминативе десетина години, Владата на Република Македонија презема значителни инвестиции во изградба на капитални објекти за потребите на спортот, но секако за атлетскиот спорт најзначајна е изградбата на „Националната Арена Филип II Македонски“ во чија содржина е и атлетската патека и сите атлетски борилишта, со што, се обезбедија услови нашата земја да биде организатор на повеќе меѓународни атлетски натревари-истакна Спасески и додаде:
„Одржувањето на 18-от Европски Куп на 10 000 метри треба да биде поттик и насока, да бидеме не само добри домаќини и организатори, туку и освојувачи на највисоки и најблескави одличја“.
Европскиот Куп за Атлетската федерација на Македонија како и за спортот во Македонија ќе биде голема афирмација. На натпреварот се очекува да присуствуваат 90 атлетичари кои ќе ги бранат боите на 32 европски држави во машка и женска конкуренција.
Европскиот куп на 10.000 метри ќе се одржи во сабота на на 7 Јуни 2014 година (сабота) на Националната арена Филип 2 Македонски со почеток во 17.00 час.
Програма за натпреварот:
17:00 Старт Жени група Б
17:45 Свечено отварање на натпреварот
18:00 Старт Мажи група Б
18:45 Старт Жени група А
19:15 Старт Мажи група А
20:10 Доделување на награди
