Свечен прием за македонските алпинисти во Агенцијата за млади и спорт
Свечен прием за македонките алпинисти во Агенцијата за млади и спорт
Скопје, 14 август 2014 (МИА) - По повод освојувањето на еден од најтешките светски врвови - Хималајскиот врв К2 (8,611 м) директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески денеска организираше свечен прием за освојувачот на врвот Здравко Дејановиќ. На приемот присуствуваше и претседателот на Федерацијата за планинарски спортови на Македонија (ФПСМ) Јовица Угриновски, како и македонските алпинисти Живко Темелковски и Александар Киркоски кои ги искачија Елбрус (највисок врв во Европа 5.642 метри), односно Мон Блан (4.810 метри).
- Упатувам честитки за херојскиот подвиг на нашиот Златко Дејановиќ кој успеа да го освои еден од најтешките светски врвови. Агенцијата за млади и спорт беше во контакт со Дејановиќ во текот на целата експедиција преку неговата матична федерација. Можеби бевме првите, заедно со неговото семејство кои ја дознаа информацијата дека Златко успеал во својот подвиг и високо го развиорил македонското знаме на врвот на светот, истакна Спасески.
Директорот на АМС додаде дека институцијата која ја предводи застана зад овој подвиг и го поддржа Здравко Дејановиќ преку Федерацијата за планинарски спортови на Македонија со 250 илјади денари.
- Исто така, учествуваме и со 150.000 илјади денари во поддршката за македонската експедиција за првото Македонско искачување на Алпите и освојување на италијанските насоки на врвовите Дуфоршпице (4.634 м) и Монт Блан (4.810), рече Спасески.
Тој очекува во наредниот период голем број млади алпинисти и планинари да ги следат чекорите на нашите освојувачи на големите врвови почнувајќи од покојниот Диме Илиевски-Мурато, Христијан Делев, Сашко Кедев, Илина Арсова и Здравко Дејановиќ, кои преку нивниот личен подвиг, како што кажа, придонесуваат во промоцијата на Република Македонија во меѓународни рамки, но и во афирмација на алпинизмот и спортот, воопшто.
Од името на ФПСМ успесите на Дејановиќ и на останатите македонски алпинисти ги поздрави претседателот на федерацијата Угриновски.
- Вредноста во меѓународните планинарски кругови за освојувањето на Монт Еверест се вреднува како освоен златен олимписки медал, а искачувањето на К2 би било еквивалент на четири златни олимписки медали, рече првиот човек на планинарската федерација.
Освојувачот на К2 успехот го оцени како тимски и остварен по долгогодишни подготовки.

- Искуството од минатата година кога се обидов да го искачам врвот, годинава многу ми значеше и со поддршка од АМС и ФПСМ успеав да ја исполнам целта. За разлика од лани, времето годинава беше подобро. Бев добро подготвен на физички и психолошки план, рече Дејановиќ и ја потенцира радоста и гордоста која ја чувствувал кога го развиорил македонското знаме на вториот по височина светски врв.
Водич на експедицијата од 15 члена која го искачи највисокиот европски врв Елбрус беше Живко Темелкоски, член на ФПСМ и претседател на планинарскиот клуб Бистра.
- Искачувањето на Елбрус не е технички тешко, но е специфично поради неговата местоположба, помеѓу Касписко и Црно Море. Оваа планина е една од најсмртоносните планини во светот. Нестабилно време, кое постојано се менува, нарочито со силен ветар и грмотевици, безбројните скриени процепи во дебелиот мраз, се големи опасности за алпинистите, истакна Темелкоски.
За експедицијата „АЛПИ 2014“ говореше Киркоски.
- Околу нашата експедиција на Алпите, можеби најдобро е да ја наречеме „АЛПИ 2014“ со назнака „Прво македонско искачување на Италијанските насоки на Дуфоуршпитзе 4.634м. и Монт Бланц 4.810м. Тоа беше и нашата цел, бидејки овие две насоки досега не се искачени никогаш од македонски планинари, потенцира Киркоски.
Учесници во акцијата АЛПИ 2014 беа четворица планинари; Васил Трендафилов, Горан Срезоски, Александар Кирковски, Никола Андоноски. зс/16:32
Превземено од МИА








