Доделени наградите за најдобри млади уметници од проектот „Млади уметници"
Музејот на град Скопје е местото каде денес беше отворена изложбата на најдобрите дела од проектот “Млади уметници”, кој Агенцијата за млади и спорт го реализира изминативе пет години.
Во присуство на претставници од комисијата за оценување, директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски се обрати на сите млади, заблагодарувајќи се за учеството на конкурсот.
-Младите се иднината на секоја земја, водечка сила и затоа насоките во кои кои се движат младите се битен фактор за успех на сите полиња. Уметноста не познава граници, националности, ниту вери, таа е универзална и претставува јазик кој сите го разбираат, потенцираше Каевски.
Проектот опфаќа пет различни категории и тоа: слика, скулптура, графички дизајн, фотографија и графика, во две одделни групи, млади од 15-20 години и 20-29 години.
Во помлада возрасна група наградени се: Душан Цветков, Константин Митевски, Каја Тасевска, и Ана Богоевска, додека кај повозрасните наградени се делата на Давор Кешќец, Денис Јагџи, Драганчо Божинов, Елеонора Накевска и Дамјан Ристевски.
Уметничките дела од проектот „Млади уметници”, љубителите на уметноста можат да ги погледнат заклучно со 8 декември, до кога ќе трае изложбата во Музејот на град Скопје.