Континуирана обука за наставниците по физичко и здравствено образование, професорите по спорт и спортски активности од средното образование и оделенските наставници
Наставниците по физичко и здравствено образование, професорите по спорт и спортски активности од средното образование заедно и оделенските наставници, ќе имаат серија обуки од страна на советниците од Бирото за развој на образование, Факултетот за физичка култура во соработка со Агенцијата за млади и спорт.
Целта на овие обуки кои ќе се спроведуваат на територијата на цела Македонија е да се унапреди и подобри квалитетот на часовите по физичко. На обуките, професорите добиваат теоретски сознанија и практично демонстрирање на вежби.
На означувањето на семинарот на тема ,,Континуирано усовршување на наставниците по физичко образование, основа за професионално напредување“, кој се одржа во спортската сала „Македонски херои“ на Факултетот за физичка култура, присуствуваше и премиерот Никола Груевски.
- Целта на овие обуки, што нема да бидат само во Скопје, туку на територијата на целата земја и во текот на целата година континуирано, е да се унапреди и подобри квалитетот на часовите по физичко. На овие обуки, покрај тоа што професорите добиваат теоретски сознанија, добиваат практично и демонстрирање на вежби, а она што е новитет е и покажување на определени вежби и спортски активности кои се посовремени, како вежби за пилатес, рече директорот на Бирото за развој на образованието Весна Хорватовиќ.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт Лазе Поповски посочи дека Агенцијата издвои 500 илјади денари за организација на три семинари, односно обуки на кои ќе присуствуваат повеќе од 800 професори и одделенски наставници кои се поврзани со часот по физичко воспитување.
- Тоа се оние луѓе со кои нашите најмлади допираат до спортот и тие се тие што треба да ги поттикнат, да го зголемат нивниот интерес да се бават со спортски активности, но и да имаат способности и вештини кои се на високо ниво за да можат со тие категории на ученици да работат и да одржуваат ефикасен начин по физичко воспитување, изјави Поповски.
Продеканката на Факултетот за физичка култура Ленче Алексовска - Величковска истакна дека оваа високообразовна институција сака да помогне да се подигне квалитетот на физичкото образование, а се во функција на здравјето на децата.
- Сепак, децата и адолесцентите се најважни. Преку физичкото образование ќе се избориме против пороците кои постојано се случуваат. Од овој базичен проект најверојатно ќе произлезат и други подпроекти со цел да ги намалиме агресивните тенденции, да се бориме против деформитетите особено што ги има од прво до петто одделение, така што се ќе биде насочено кон подобрување на наставата по физичко образование и тоа да биде во функција на здрава нација, здрави деца, здрави адолесценти, изјави Алексовска - Величковска.








