Македонија домаќин на Европско првенство во кајак слалом за јуниори и сениори до 23 години
Денес во просториите на Скопје Сити Мол се одржа прес-конференција по повод претстојното Европско првенство во кајак. Имено во периодот од 3 до 6 јули, Македонија ќе биде домаќин на Европското првенство во кајак на диви води за јуниори и сениори до 23 години. На големиот настан за нашата земја кој ќе се одржи во Матка ќе учествуваат повеќе од 400 кајакари од 35 држави.
На прес-конференцијата се обрати директорот на Агенцијата за Млади и Спорт, Марјан Спасески како и спортскиот директор на кајакарската федерација на Македонија, Атанас Николовски. И двајцата беа задоволни од севкупната организација на првенството и најавија дека Европското првенство ќе биде вистински празник за нашата земја.
„Агенцијата за млади и спорт го искажува своето задоволство што Република Македонија по одржувањето на ЕП во 2004 година за сениори, повторно во периодот од 3 до 6 јули ќе биде домаќин на голем настан во кајакарскиот спорт, а тоа е ЕП 2014 во кајак слалом за јуниори и сениори до 23 години. Да се организира Европско првенство не е мала работа. Ова е важен настан за нашата држава и затоа АМС повторно ѝ даде безрезервна подршка на кајакарската федерација. Верувам дека успешно ќе ја завршиме задачата и ќе ги угостиме спортистите на најдобар можен начин“, изјави директорот Спасески.
„Европското првенство е настан кој го посакувавме долго време. Последното првенство кај нас се одржа во 2004. година и среќни сме што по десет годишна пауза во нашата земја ќе се случува ваков голем настан. Ќе угостиме повеќе од 400 кајакари од 35 држави, што за нас како федерација е огромна чест“, посочи Атанас Николовски.
Покрај Европското првенство, на прес-конференцијата се најави и почетокот на настанот Спорт Сити Дејс во Скопје Сити Мол. Настанот е наменет за промоција на спортот во Македонија како и на федерациите, чии фотографии, трофеи и медалји ќе бидат истакнати во холот на нашиот најголем трговски центар. Свој збор за овој настан кажа генералниот секретар на спортските федерации на Македонија, Борче Боев.
„Денес, сите посетители на Сити Мол ќе имаат можност да дознаат нешто повеќе за 24-те федерации, како и за нивните успеси преку музеите со пехари и медалји кои ќе бидат поставени низ трговскиот центар. Со овој потег сакаме да ја запознаеме македонската јавност со нашите спортски вредности кои се навистина големи“, изјави Борче Боев.








