Свечено пуштени во употреба повеќенаменските игралишта во Штип и Карбинци

Директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС), Марјан Спасески и заменик министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство Ванчо Костадиновски денеска свечено предадоа во употреба повеќенаменски игралишта во општините Карбинци и Штип.
Најпрвин во придружба на Градоначалникот на Општина Карбинци Зоран Минов го пуштија повеќенаменското игралиште во село Таринци, а потоа со Градоначалникот Илчо Захариев го пуштија повеќенаменското игралиште во Општина Штип.

Спасески истакна дека практично и да не постои населено место во нашата држава, во кое не е инвестирано во спортската инфраструктура. Општините карбинци и Штип се дел од овој голем проект на инвестиции и развој на спортската инфраструктура.
- "Успехот во спортот, недвосмислено е поврзан со условите за тренинг и развојот на спортската инфраструктура. Токму во таа насока се и капиталните проекти кои Владата на Република Македонија, преку Агенцијата за млади и спорт ги реализира низ целата држава.
Континуираната изградба на 35 спортски сали, 50 фудбалски игралишта, 100 повеќенаменски спортски игралишта и 120 тениски терени во секоја општина ја потенцираат определбата на Владата на Република Македонија за развој на спортот и здравиот начин на живеење.Со изградбата на капиталните објекти за спорт, уште еднаш ја потврдуваме нашата заложба за градење на општество базирано на знаење и јакнење на духот и физичкото здравје кај младата популацијa. " - потенцираше Спасески.

Повеќенаменските игралишта се со димензии 45 x 28 метри и ќе може да се користат за мал фудбал, серва, кошарка, ракомет, тенис и други игри и ќе биде место кое ќе претставува одлична поддршка за сите спортисти и сите граѓани на општината.
Со денешните свечени отварања во Карбинци и Штип вкупно на општините се предадени 22 повеќенаменски игралишта , 27 игралишта низ целата држава се завршени и подготвени за свечено отворање, а уште 5 игралишта се во фаза на градба.








